Имате адреса на ваш домен (info@vasafirma.mk) и сакате да ја читате од телефон и од Outlook. Еве го целото поставување — и најважната одлука на самиот почеток.
Прво: IMAP или POP3?
- IMAP (препорачано) — поштата ОСТАНУВА на серверот и се синхронизира: прочитано на телефон е прочитано и на компјутер. Идеално за повеќе уреди.
- POP3 — поштата се СИМНУВА и обично се брише од серверот. Ја гледате само на тој уред.
Ако колега каже дека му исчезнале мејлови — во 9 од 10 случаи некој поставил POP3 на втор уред.
Поставките (важат за секој уред)
- Корисничко име: ЦЕЛАТА адреса (info@vasafirma.mk), не само делот пред знакот
- Лозинка: лозинката на сандачето (не онаа од cPanel)
- Дојдовен IMAP: mail.vasdomen.mk, порта 993, SSL/TLS
- Појдовен SMTP: mail.vasdomen.mk, порта 465 (SSL) или 587 (TLS)
- Автентикација за појдовен: ВКЛУЧЕНА — ова е причина бр. 1 за „примам, но не праќам“
Најбрзиот начин
cPanel → Email Accounts → до вашата адреса кликнете Connect Devices. Таму се точните поставки за вашиот сервер и автоматска конфигурација за Outlook и Apple уреди — без препишување.
Ако не се поврзува
- Проверете ја лозинката (најчесто е тоа)
- Некои мобилни оператори ја блокираат порта 25 — затоа се користат 465/587
- Antivirus или firewall на компјутерот знае да ја пресретне поштата
- Не пишувајте www. пред mail.vasdomen.mk
Совет за телефон
Кај IMAP поставете синхронизација на последните 30 дена — да не го полните телефонот со години архива. Сè останува на серверот и е достапно преку webmail.
За наши клиенти: поставувањето го правиме заедно, вклучително и Outlook профилот — само пишете ни.